Почитувани,

Во име на Советот на Општина Велес и во свое лично име, на сите жители на Општина Велес, Ви го честитам 5 јуни, Светскиот ден за заштита на животната средина.

Овој ден има за цел да не потсети на огромната важност на животната средина, има за цел да не поттикне да бидеме свесни и совесни и одговорно да се однесуваме кон средината во која живееме, да ја чуваме и заштитуваме, затоа што само така ќе имаме здрав и нормален живот.

Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право и ако целосно и доследно го почитуваме ќе имаме услов за поквалитетен и подолг животен век.

Никогаш повеќе да не дозволиме индустриски капацитети да ја загадуваат животната средина и природата. Да останеме доследни на волјата која не исправи пред најголемиот децениски загадувач на нашиот град, кој успеавме да го запреме.

Ќе се залагаме и понатаму да се спроведуваат активни системски мерки кои ќе дадат резултати, но ќе продолжиме и со нулта толеранција за сите поголеми индустриски капацитети да воспостават еколошки стандарди и мерки за заштита на животната средина.

Ве охрабрувам да продолжиме да ја градиме нашата иднина во здрава животна средина, да ја подигаме свеста за значењето на природата и да поттикнуваме еколошки акции. Тоа ќе го правиме за доброто на сите нас и за доброто на идните генерации.

 

Со почит,

Градоначалник на Општина Велес

Аце Коцевски