Почитувани сограѓанки и сограѓани
Во име на Советот на Општина Велес, во име на сите жители на градот и во свое лично име Ви го честитам Меѓународниот ден на лицата со попреченост. 3 Декември не е единствениот ден во годината кога јавноста го свртува вниманието кон вас, тоа го правиме сите 365 денови во годината, затоа што Вие сте еднакви со сите нас и ги уживате истите права како сите луѓе во светот.
Вашиот хендикеп не ве прави помалку вредни, помалку почитувани и интегрирани во секојдневните општествени случувања. Напротив, и покрај бариерите со кои за жал се уште се соочувате, храбро и достоинствено се борите да покажете и докажете дека и вашиот глас треба да се слушне и дека вашиот труд треба да се вреднува.
Сите ние заедно ќе се трудиме во иднина , да ги намалиме или елиминираме сите пречки кои ви го отежнуваат секојдневниот живот, за да можете самостојно да се вклучувате во социјалниот, културниот и деловниот живот. Затоа што Вие тоа го заслужувате, затоа што Вие имате право.
Ви посакувам здравје и успех во животот, но пред се Ви посакувам силна волја и истрајност во чекорите кон подобра иднина за Вас и вашите семејства.
Со почит,
Градоначалник на Општина Велес
Аце Коцевски