Денеска се одбележуваат 116 години од раѓањето на еден од најголемите македонски актери на сите времиња Петре Прличко. По тој повод, во чест на неговиот лик и дело, градоначалникот Марко Колев положи свежо цвеќе пред спомен бистата во Младинскиот парк. Почит му оддадоа и претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков како и актерите од велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Доајенот на македонското глумиште е роден на 13 март 1907 година во Велес. Прличко е еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер. Припаѓа на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци, оставајќи зад себе многубројни главни улоги како на театарската сцена така и на филмското платно.