Во семејството на сиромашниот грнчар Апостол Солев, во далечната 1908 година, на денешен ден, се родил Коста Солев Рацин, кој уште од најрана возраст го осетил сиромашниот живот па морал да учи и да работи во грнчарската работилница на неговиот татко. Но и покрај тешкиот живот, секој слободен момент го користел за читање, повлекувајќи се на таванот и учејќи на свеќа. Отпорот кон ропскиот живот на својот народ го преточил во пишан збор и од неговото перо излезе највпечатливата безвременска љубовна и социјална поезија. Во своите стихови ја опејува тешката мака на тутуноберачите, копачите и нивните денови поминати со аргатски маки големи, а неговите љубовни мисли и намери се напишани на дописни картички кои и ден денес сведочат за големата платонска љубов кон Раца.
Безвремените дела на основоположникот на современата македонска литература, стихозбирките „Бели мугри“ и „Антологија на болката“ се неприкосновената вистина за македонскиот народ, а неговата храброст е вечна инспирација за сите сегашни и идни поколенија.
По повод 117 годишнината од раѓањето на Коста Солев Рацин и патрониот празник на средното училиште што го носи неговото име, вечерва во народниот театар „Ј.Х.К. Џинот,со почеток во 18:00 часот, театарската секција при училиштето ќе ја изведе претставата „Женидба“ од Никола В. Гогољ.


