Во пресрет на 24 Мај, денот кога го прославуваме делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во нивна чест денес се одржа свечена академија.
Сеќавајќи се на нивниот неверојатен напредок со создавање на глаголицата како корен од кој се разгранува писменоста на словенските народи, а потоа во нивно име и кирилицата како писмо кое го означува македонскиот идентитет до денес, Општина Велес им оддаде признанија на најдобрите ученици и просветни работници од основните и средните училишта.
Градоначалникот Марко Колев од свое лично име, од името на Советот и Општината, им честита на Даниела Теова, Христијан Андовски, Елица Љуткова, Љубинка Чанева и Методија Бузалковски за досегашниот успех и придонес кон развојот на образованието и нека ова признание биде поттик за уште поголеми успеси во иднина.
Заслужена благодарница доби и ОЈУДГ „Димче Мирчев“, како место каде се поставуваат темелите на образованието и градењето на детските личности за што најмладите ни се заблагодарија со нивниот настап. Во чест на денот и наградените, уметничкиот дел од програмата го збогати Детскиот хор „Св.Кирил и Методиј“, под диригентство на професор Веселинка Маџарова.
Чувајте го словото, за многу години кирилица!