Почитувани,
Во име на Советот на Општина Велес и во свое лично име, на сите жители на Општина Велес, Ви го честитам 5 јуни, Светскиот ден за заштита на животната средина, со единствена желба интензивно да работиме на зголемување на колективната свест за зачувување на животната средина.
Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, како и поквалитетен и подолг живот на граѓаните.
Никогаш повеќе да не дозволиме индустрискиот развој да се плаќа со уништување на здравата животна средина. Потребно е спроведување на активни системски мерки кои ќе дадат резултати, како и реално имплементирање на нулта толеранција за сите поголеми индустриски капацитети како големи загадувачи, кои мора итно да ги исполнат предвидените еколошки стандарди и да вградат заштитни филтри.
Со веќе реализираните проекти во 2019 година, но и со оние кои се предвидени за реализација во тековната 2020 година, Општина Велес го промовира одржливиот економски развој и интелигентното користење на енергијата, кои се едни од главните цели на општината, а истовремено преку применувањето на енергетско – ефикасните практики и воведувањето на нови, модерни информатичко – технолошки решенија ги поддржуваме акциите насочени кон заштита на животната средина.
Ве охрабрувам и поттикнувам континуирано да работиме на подобрување и зачувување на животната средина, како за сегашните, така и за идните генерации велешанки и велешани.
Со почит,
Градоначалник на Општина Велес
Аце Коцевски