Организацискиот одбор на 55. Детски Рацинови средби распишува конкурси и натпревари за основните и средни училишта
Организацискиот одбор на 55. Детски Рацинови средби распишува конкурс за предметните наставници од основните училишта, за изработка на мултимедијален ИКТ проект, инспириран од ликот и делото на безвремениот Коста Солев Рацин на тема:
„Рацин – поет на болката и љубовта“
Право на учество имаат сите предметни наставници со своите ученици од основните училишта во државава.
Мултимедијалниот проект треба да биде инспириран од животот и делото на бесмртниот Рацин. Креативноста во изработката е на самиот наставник и учениците, а во него ќе се вреднува оригиналноста, иновативноста, интерактивноста, инспиративноста, современите методи и форми на работа.
Секој наставник има право на учество со еден ИКТ проект. Снимката од активностите и презентациите да не биде подолга од 10 минути.
Изработките во форма на ИКТ содржини треба да бидат испратени најдоцна до 31.10.2022 година на следната електронска адреса: detskiracinovi55@gmail.com со назнака „За мултимедијален ИКТ проект“, со следните податоци: име и презиме на наставникот, училиште, место, е- адреса и телефон за контакт.
Најдобрите три проекта ќе бидат избрани од страна на стручна жири-комисија, формирана од организаторот.
Рацинови следбеници, Ве очекуваме!
Со почит,
Организациски одбор на 55. Детски Рацинови средби
Организацискиот одбор на 55. Детски Рацинови средби распишува поетски и ликовен конкурс на тема:
„Рацин – поет на болката и љубовта“
Право на учество имаат ученици од VI до IX одделение од oсновните училишта и ученици од I до IV година од средните училишта.
Творбите се класифицирани во две категории: категорија основно образование и категорија средно образование.
Секој ментор има право да учествува со творба од еден ученик. Од секое училиште можат да бидат испратени најмногу по пет поетски творби.
Најзначајно е детските песни да се оригинални и соодветни на темата.
Поетските творби да се испратат на е-адреса: detskiracinovi55@gmail.com со назнака за поетски конкурс „Рацин поет на болката и љубовта“ најдоцна до 31.10.2022 год.
Со творбата наведете ги следните податоци: име и презиме на ученикот, училиште, место, ментор, телефонски број и е-адреса.
Откако жири-комисијата ќе направи избор, наградените ќе бидат известени за начинот на одржување на Манифестацијата.
На ликовниот конкурс секој ментор има право да учествува со цртеж од еден ученик.
Од секое училиште можат да бидат испратени најмногу по пет ликовни творби.
Детските цртежи треба да се оригинални. Учесниците на ликовниот конкурс, цртежите треба да ги достават по пошта најдоцна до 31.10.2022 год. на ул. „Алексо Демниевски“ бр. 11, 1400 Велес, со назнака „За 55. Детски Рацинови средби “ со следните податоци: име и презиме на ученикот, училиште, место, ментор, телефонски број и е-адреса.
Откако жири-комисијата ќе направи избор, наградените ќе бидат известени за начинот на одржување на Манифестацијата.
Рацинови следбеници, Ве очекуваме!
Организациски одбор на 55. Детски Рацинови средби
Организацискиот одбор на 55. Детски Рацинови средби распишува конкурс на тема:
„Цветен венец од стихови за Рацин“ – групна работа.
Право на учество имаат сите одделенски наставници со своите ученици. Конкурсот подразбира групна литературно–ликовна творба.
Секој одделенски наставник–ментор, има право да учествува со една изработка.
Од секое училиште можат да бидат испратени најмногу по пет изработки.
Најзначајно е изработките да се оригинални, креативни, иновативни, инспиративни и соодветни на темата.
Творбите да се испраќаат на адресата: ул.„Алексо Демниевски“ бр.11, 1400 Велес, со назнака „За 55. Детски Рацинови средби“ најдоцна до 31.10.2022 год. со следните податоци: име и презиме на наставникот, училиште, место, е-адреса и телефон за контакт.
Најдобрите три изработки ќе бидат избрани од страна на стручна комисија, формирана од организаторот.
Рацинови следбеници, Ве очекуваме!
Организационен одбор на 55. Детски Рацинови средби
Организацискиот одбор на 55. Детски Рацинови средби распишувa натпревар во ораторство за сите ученици од I до IV година од средните училишта во државата на тема:
„Рацин – поет на љубовта и болката“
Секој ментор има право да пријави еден ученик. Од секое училиште можат да учествуваат вкупно тројца ученици. Говорот да не биде подолг од 5 минути.
Пријавувањето да се изврши по електронски пат на следната е-адреса: detskiracinovi55@gmail.com со назнака „За ораторство“, најдоцна до 31.10.2022 год.
Ораторите ќе бидат известени за времето на одржување на Манифестацијата и натпреварот.
При бодувањето стручната жири-комисија ќе вреднува оригиналност, израз, правоговор, соодветни гестови, почитување на определената временска рамка, интерактивност на публиката и задржување на нејзиното внимание.
Рацинови следбеници, Ве очекуваме!
Организациски одбор на 55. Детски Рацинови средби
Организацискиот одбор на 55. Детски Рацинови средби распишува рецитаторски натпревар за сите ученици од I до IV година од средните училишта во државата.
Натпреварот ќе се одвива во три последователни круга. Во првиот круг натпреварувачите потребно е да испратат снимка од песната „Копачите“ на следната е-адреса: detskiracinovi55@gmail.com најдоцна до 31.10.2022 година.
При рецитирањето на снимката не смее да се употребува фон.
Секој ментор има право да учествува со еден ученик. Од секое училиште можат да учествуваат тројца ученици.
Снимката да ги содржи следните податоци: име и презиме на ученикот, училиште, место, ментор, телефонски број за контакт.
Жири-комисијата ќе направи избор на десет најдобри рецитатори, кои ќе се натпреваруваат во втор круг, за време на одржувањето на Манифестацијата со песна од Рацин по сопствена желба.
Најдобрите од вториот круг ќе влезат во трет круг и ќе рецитираат песна од Рацин по избор на жири-комисијата.
Рацинови следбеници, Ве очекуваме!
Организациски одбор на 55. Детски Рацинови средби