Со дефиле „Цветен пат за Рацин“ годинава започнаа 57. Детски Рацинови средби. Децата од Градинката „Димче Мирчев“ и годинава приредија настан достоен за ликот и делото на безвремениот Рацин и покажаа дека се негови горди наследници. Настанот е во организација на Општина Велес и МДПС „Премиера“.

Пред спомениците на Кочо Рачин пред Гимназијата и во центарот на градот како и пред Паметникот во Спомен костурницата делегации на Општина Велес и делегации на јавни институции положија свежо цвеќе и му оддадоа почит на Рацин.

Од програмата на 57 Детски Рацинови средби се реализираат повеќе културни настани.

Детските Рацинови средби продолжуваат утре со свечено доделување на наградите на најдобрите поетски и ликовни творби на учениците од основните и средните училишта во градот, кои учествуваа на конкурсот на Општина Велес на тема „Мене и душата ми е црвена“ Рацин.

Педесет и седмите Детски Рацинови средби се дел од активностите за одбележување на Денот на Општина Велес, 9 Ноември.