Со музичко-поетски перформанс на учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“ денеска во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одбележа 85 годишнината од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ на Коста Солев Рацин. Учениците рецитираа стихови од антологиските песни Тутуноберачите, Ленка, Денови, во кои Рацин го опејува страдањето на македонскиот народ, но истовремено и борбеноста и надежта за посветли утра.
За значењето на Рациновите Бели мугри говореше проф. др. Марија Ѓорѓиева Димова.
„Стихозбирката „Бели мугри“ поседува исклучителна историска вредност на дело втемелник. Таа тенка книшка е израз на духовноста на еден необичен човек и манифест на цела една генерација. На неа се крепи нашата современа литература“ истакна Ѓорѓиева Димова.
„Бели Мугри” е меѓу првите стихозбирки објавени на македонски јазик, составена е од 12 песни, од кои 2 се циклуси, со по 6 и 7 песни. Таа ја претставува македонската суштина, историја и култура.