Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, на денешната прес конференција извести дека на следната седница на Советот на Општина Велес ќе се направат промени на повеќе Програми од кои ќе се намали финансиската поддршка од повеќе ставки, со цел обезбедување повеќе финансиски средства кои ќе се пренаменат за набавка на опрема за лична заштита, заштитна опрема наменета како за јавните институции, така и за вработените во државните институции и за финансиска помош за социјално најранливите категории сограѓани.
Воедно, Коцевски информираше дека мобилните тимови и трите телефонски линиии функционираат без проблеми, дека тимовите на волонтери во координација на ОО на Црвен крст – Велес поделија 115 пакети со прехранбени производи на социјално најзагрозените семејства, пружана е помош на 21 лице за психосоцијална поддршка, за 25 лица кои живеат сами и лица со посебни потреби се набавени лекови и најнеопходни прехранбени производи, а дека лекарот – волонтер кој е дел од мобилните тимови има остварено 18 интрвенции во домашни услови.
„Во изминатиот период Општина Велес веќе додели еднократна финансиска помош на 50тина лица”, додаде Коцевски.
Во овој момент, во соработка со Центарот за социјална работа и ОО на Црвен крст – Велес, изготвуваме приоритетен список на лица на кои им е итно потребно обезбедување најнеопходни прехранбени производи, а во текот на следната седмица овие пакети ќе се дистрибуираат до крајните корисници.