Денеска се одбележуваат 79 години од загинувањето на народниот херој Димче Мирчев. По тој повод делегација на Општина Велес положи свежо цвеќе пред спомен бистата во Младински парк и пред споменикот во дворот на детската градинка што го носи неговото име.
Со свечена програма и настап на најмладите – децата во градинката, установата го одбележа својот патронен празник. Пред спомен бистата во дворот на градинката, свежо цвеќе положија и вработени во установата, претставници на основните и средните училишта и јавните институции.
Димче Мирчев е роден во Велес во 1913 година. На 27 годишна возраст активно се вклучува во подготовките на вооруженото востание. Тој е еден од организаторите на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ и заменик командант на одредот. Мирчев загинал во судир со бугарската полиција во реонот на Тиквешијата на 7 април 1944 година, заедно со Киро Крстев-Налбатот, во обидот да заминат во партизани. Посмртните останки на Димче Мирчев се во велешката Спомен-костурница од НОВ. Димче Мирчев бил прогласен за народен херој на 2 август во 1949 година.