Во рамки на одбележувањето на Денот на Општина Велес, 9 Ноември, вчеравечер во Ликовниот салон се одржа промоција на монографијата „100 години Велес-историја на поштенски картички“. Автори на книгата се филателистите и колекционерите Виктор Габер и Зоран Стрезовски. Во монографијата се прикажани 450 поштенски картички – разгледници со кои хронолошки се презентираат историските збиднувања во Велес и неговиот развој.
„Ги собиравме сите картички од турско па сè до денес за да го опишат Велес во еден развоен период од 100 години и токму затоа се вика „100 години Велес“ . Ова е историско филателистичка книга која се занимава со развојот на Велес преку поштенските картички“, рече Виктор Габер, еден од авторите на монографијата.
Градоначалникот Марко Колев се заблагодари што Велес добива едно вакво монументално уметничко дело.
„Од се срце им се заблагодарувам на овие луѓе кои несебично се вложиле себеси во создавањето на оваа монографија која низ поштенски картички го опишува историскиот развој на Велес“, истакна Колев.
Промотор на монографијата е истакнатиот македонски писател, проф.д-р. Васил Тоциновски кој истакна дека монографијата е ретка и вредносна книга во македонската продукција.
Промоцијата ја збогати изведбата на Орхидеја Дукова и Сашко Костов со изворни велешки народни песни.