Со доделување на Почесното Рациново прознание, Поетски митинг и хуманитарен концерт, вчеравечер завршија 61 Рацинови средби во Велес. Почесното Рациново годинава го доби Анамарија Цинеге Панзова од Унгарија за значаен придонес во афирмација на македонскиот јазик и култура, надвор од државата.
Признанието на Цинеге Панзова и го додели градоначалникот Марко Колев, а таа се заблагодари за укажаната чест и ја потенцираше заложбата за вклучување на што поголем број на млади Македонисти во Будимпешта, како во предвод на македонско литературно творештво така и во научно истражувачка дејност.
На културно-поетската манифестација, посветена на основоположникот на современата македонска книжевност Коста Солев Рацин, се одржа и Поетски митинг, на кој поезија читаа 22 поети од Србија, Италија, Бугарија и домаќините од Македонија.
Шеесет и првото издание на Рациновите средби заврши со хуманитарен концерт на кој, на воодушевување на бројната публика во Амфитеатарот, учествуваа познати музички имиња од народната и забавната музика. Со по неколку нумери настапија Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Мина Блажев и групата ДНК.
Собраните средства ќе бидат наменети за лекување на малиот Мартин Талевски.