Согласно член 4 од Правилникот за условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства од Буџетот на Oпштина Велес за субвенционирање на физички лица од подрачјето на Општина Велес за купен инвертер клима уред  („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 08/22, 06/24), а во врска со Одлуката за определување на максимален износ на доделување на поединечна субвенција на физичко лице за купен инвертер клима уред за 2024 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 06/24), Општина Велес објавува

ЈАВЕН  ПОВИК

за субвенционирање на физички лица

  од подрачјето на Општина Велес

за купен инвертер клима уред

 

  1. ОПИС НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Општина Велес на физичките лица кои ќе купат инвертер клима уред од денот на објавувањето на Јавниот повик 11.07.2024 година заклучно со 08.08.2024 година, ќе им субвенционира дел од трошоците направени при купување инвертер клима уред.

На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавка на инвертер клима уред во висина од 30% од вредноста на инвертер клима уредот, но не повеќе од 15.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Изборот по јавниот повик ќе се реализира по принципот „со извлекување по случаен избор – транспарентно“.

  1. ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Право на учество на овој Јавен повик имаат физички лица-носители на домаќинства, кои ќе купат и монтираат високоефикасен инвертер клима уред за затоплување на своето домаќинство (станбен објект), сметано од денот на објавата на Јавниот повик па се до 08.08.2024 година, и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за купен инвертер клима уред, а кои ги исполнуваат условите од овој Јавен повик.

  1. УСЛОВИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ИСПОЛНИ БАРАТЕЛОТ

Физичкото лице/барател е должно да ги исполни следниве услови:

  • да е жител на Општина Велес;
  • да нема добиено финансиски средства за набавка на инвертер клима уред од било кој извор во Република Северна Македонија (не го искористил правото на субвенционирање по овој основ);
  • инвертер клима уредот да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот;
  • станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее;
  • само едно лице од домаќинството може да поднесе барање за добивање на надоместок;

 

  • набавените уреди задолжително да ги имаат најмалку следните карактеристики: да имаат најмалку COP 3.2, да греат на надворешна температура од -15°C и бидат најмалку А+ енергетска класа за потрошувачка на електрична енергија за греење;
  • платен данок на имот за претходната година за станбениот објект каде е инсталиран уредот. По службена должност Комисијата за спроведување на постапка за субвенционирање на физички лица за купен инвертер клима уред врши проверка дали данокот е платен од страна на барателот. Доколку данокот на имот не е платен, барателот ќе биде задолжен од Комисијата да го плати во рок од 10 дена и да достави соодветен доказ за извршената уплата. Доколку во дадениот рок барателот не го подмири данокот истиот нема право да учествува во извлекувањето по случаен избор-транспарентно и
  • доказот за набавен–купен инвертер клима уредот (фискална сметка), со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик.
  1. ДОСТАВА НА ДОКУМЕНТИ ПО ЈАВНИОТ ПОВИК

Барателот по објавување на јавниот повик доставува:

  • барање за субвенција (барањето може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се обезбеди од интернет страницата на Општината: www.veles.gov.mk);
  • изјава заверена на Нотар дека барателот е согласен неговите лични податоци да се користат исклучиво за користење на финансиски средства од Буџетот на Општина Велес за субвенционирање на физички лица од подрачјето на Општина Велес за купен инвертер клима уред (Изјавата може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се превземе електронски од веб страната на општината);
  • изјава дека барателот и членовите на неговото семејство/домаќинство немаат искористено право на поврат на средства за набавка на инвертер клима уред на друг јавен повик од било кој извор во Република Северна Македонија (Изјавата може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се превземе електронски од веб страната на општината);
  • фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
  • доказ -фискална сметка во оригинал или фактура со извод од деловна банка со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик и
  • потврда од фирмата-продавач на инвертер клима уредот за гарантирани минимум карактеристики (со приложување на копија од спецификација за купениот уред како составен дел кон потврдата).

 

Доколку барањето не ги содржи сите документи погоре наведени, барателот го губи правото да учествува во изборот за баратели за субвенционирање по принцип „со извлекување по случаен избор-транспарентно“.

Барањето за надоместување на дел од трошоците за купен инвертер клима уред, заедно со потребната документација се доставува електронски на следната адреса:  https://euslugi.veles.gov.mk или во архивата на Општина Велес, на ул. „Панко Брашнар“ бр. 1 Велес, секој работен ден од 07.30 до 15.30 часот, во затворен плик.

 

На пликот треба да е наведено: “Јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување инвертер клима уред“.

На барателот со доставувањето на пликот во архива ќе му биде издаден архивски број со дата и час на достава на барањето.

Барањето кое е уредно и комплетно, издадениот архивски број и час на барањето, ќе биде дел од посебна затворена кутија за спроведување на системот „со извлекување по случаен избор-транспарентно“.

За денот и часот на одржување на извлекувањето барателите ќе бидат известени преку веб страната на Општина Велес(www.veles.gov.mk) и социјални мрежи во Општина Велес.

  1. НАЧИН НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Јавниот повик го распишува Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на физички лица од подрачјето на Општина Велес за купен инвертер клима уред.

По завршувањето на јавниот повик, Комисијата на своја седница ги разгледува сите пристигнати барања и сите уредни и комплетни барања ќе бидат дел од системот „со извлекување по случаен избор – транспарентно“.

Некомплетните барања нема да бидат предмет на понатамошна постапка.

Постапката за избор на барања „со извлекување по случаен избор – транспарентно“, Комисијата ќе ја спроведе во рок од 15 дена по завршувањето на рокот за достава на барања.

Финансиските средства ќе се сметаат за исцрпени односно доделени кога на предлог на Комисијата, Градоначалникот на Општина Велес ќе донесе решение за исплата на средствата.

  1. НАЧИН НА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВО НА НАДОМЕСТОК

Градоначалникот на Општина Велес на предлог на Комисијата носи решение за одобрување на барањата кои ги исполниле условите согласно јавниот повик и ја објавува листата на физички лица кои го добиле правото да бидат субвенционирани за дел од трошоците направени при набавка на инвертер клима уред.

Уплатата на персоналниот данок на доход кој се одбива од доделената поединечна субвенција ќе ја изврши Општина Велес.