Денес немаше место за автомобилите во центарот на градот. Наместо автомобили, денес велешани можеа да возат велосипеди, ролери и скироли, но и слободно да пешачат по главната улица во центарот на градот.
Со затворањето на дел од улицата „8 Септември”, Општина Велес го одбележа Денот без автомобили. Во рамки на проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) ова беше последната од низата активности кои беа реализирани во текот на изминатава седмица, со што Општина Велес од 16 до 22 септември ја одбележа Европската недела на мобилност🇪🇺.
„Едукативно – интерактивни работилници и промоција на велосипедот како алтернативно превозно средство, презентација на Планот за одржлива урбана мобилност, ноќна велосипедска тура до езеро Младост, промоција на пешачка патека до Вршник, „Училиште за велосипеди на отворено”, промоција на современи решенија за три пешачки премини и одбележување на Денот без автомобили беа активностите во кои се вклучија многу наши сограѓани од различни целни и возрасни групи, а во организацијата и реализацијата, општината доби голема поддршка од многу невладини организации од градот, на коишто им благодариме за учеството.
За време на настанот, градоначалникот Коцевски додели шест комплети спортска велосипедска опрема за сите 6 основни општински училишта со која даде поттик за формирање на училишни велосипедски клубови.
Проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) го подготви тим од општината, а финансиски беше поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ)🇩🇪.
Ко-спонзори на оваа активност од Европската недела на мобилност беа и Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центарот во Скопје како и Министерството за животна средина и просторно планирање.