Општина Велес традиционално ја организира Гастрономско-туристичка манифестација Фестивал на велешка пита и вино „Питијада 2026“, со цел презентација и промоција на велешката пита пастрмајлија, виното и производите на учесниците од угостителскиот, пекарскиот и винарскиот сектор.

Манифестацијата е од изложбен и продажен карактер и има за цел поголема афирмација на препознатливиот велешки специјалитет, поддршка на локалните угостители, винарии и производители, како и збогатување на туристичката и културната понуда на градот.

Манифестацијата ќе се одржи во периодот од 09.10.2026 година до 11.10.2026 година, со културно-уметничка и забавна програма.

  1. Право на учество

Право на учество имаат регистрирани правни лица со угостителска или пекарска дејност, винарии и регистрирани индивидуални пекарски производители кои навремено ќе поднесат целосна пријава.

  1. Позиции и поделба по зони

Позициите за поставување на штандови се определени на графичкиот приказ кој е составен дел на овој јавен повик. Должината на секоја позиција е 6 метри, освен ако на картата не е поинаку означено. Позициите се поделени во четири зони според нивната местоположба и оддалеченост од главниот простор на манифестацијата.

Зона Позиции Почетна цена
ЗОНА 1 Паркинг простор десно од бина 120.000 денари
ЗОНА 2 2 и 18 30.000 денари
ЗОНА 3 3-5 и 19-21 24.000 денари
ЗИНА 4 6-17 и 22-31 18.000 денари

 

Еден учесник може да се пријави за најмногу 2 (две) позиции. За секоја од најмногу две позиции што сака да ги добие, учесникот во пријавата наведува прв избор, а може да наведе и втор и трет избор како алтернативни позиции. Вториот и третиот избор се активираат последователно само доколку учесникот, во рамките на истото барање, не ја добие претходно наведената позиција. Иста позиција не може да се наведе повеќе од еднаш во пријавата.

  1. Начин на поднесување на пријавата

Пријавата се доставува во затворен плик, со назнака „Питијада 2026 – пријава за позиција“, најдоцна до 23.09.2026 година, во архивата на Општина Велес, ул. „Панко Брашнар“ бр. 1, Велес.

Кон пријавата се доставуваат податоците и документите наведени во образецот „Пријава за учество“, кој е составен дел на овој јавен повик.

 

 

  1. Разгледување и оценување на пријавите

Постапката ја спроведува Комисија определена од Општина Велес. Комисијата ги отвора и разгледува пристигнатите пријави и утврдува дали се навремени, целосни и поднесени од лице кое го исполнува правото на учество.

За секоја позиција Комисијата составува единствена евиденција на сите учесници што ја навеле таа позиција како прв, втор или трет избор, со назначување на приоритетот на изборот и на кое барање за позиција се однесува.

  1. Доделување на позициите
  2. Учесник може да добие најмногу две позиции, односно најмногу по една позиција од секое од двете барања наведени во пријавата. Вториот и третиот избор претставуваат алтернативи на првиот избор во рамките на истото барање.
  3. Комисијата, пред започнување на распределбата, за секоја позиција ги евидентира сите прифатливи пријави во кои таа позиција е наведена како прв, втор или трет избор.
  4. Најнапред се разрешуваат првите избори. Кога за иста позиција има двајца или повеќе учесници кај кои таа позиција е активен избор, се спроведува јавно усно наддавање согласно правилата од овој јавен повик.
  5. Ако за определена позиција во моментот има само еден учесник со активен избор, но истата позиција е наведена како втор или трет избор кај друг учесник чие барање сè уште не е разрешено, позицијата не се доделува конечно додека не се утврди дали таа алтернатива ќе стане активна.
  6. По разрешувањето на претходниот избор, кај учесникот кој не ја добил бараната позиција се активира следниот избор: најнапред вториот, а доколку и тој не биде добиен – третиот избор. Ако учесникот ја добие позицијата од повисок приоритет во рамките на истото барање, неговите пониски алтернативи престануваат да важат.
  7. Ако по активирањето на алтернативен избор за иста позиција постојат двајца или повеќе активни учесници, без оглед дали кај едниот позицијата е прв, а кај другиот втор или трет избор, позицијата се доделува со јавно усно наддавање меѓу сите активни учесници.
  8. Позицијата се доделува непосредно по почетната цена само кога за неа постои еден активен учесник и кога нема друг учесник кај кого истата позиција може да се активира како втор или трет избор по разрешување на избор од повисок приоритет.
  9. Комисијата може да го одложи конечното доделување или наддавањето за конкретна позиција до моментот кога ќе биде утврден конечниот круг на активни учесници за таа позиција, со цел во наддавањето да бидат вклучени и учесниците кај кои позицијата се активирала како алтернатива.
  10. Правила за јавно усно наддавање
  11. Комисијата навремено ги известува учесниците за датумот, времето и местото на јавното усно наддавање. На наддавањето може да присуствува законскиот застапник или лице со писмено полномошно.
  12. Наддавањето се спроведува поединечно за секоја позиција. Почетната цена е цената утврдена за зоната во која се наоѓа позицијата.
  13. Минималниот чекор на наддавање изнесува 1.000 денари.
  14. Комисијата ја објавува почетната цена и ги повикува учесниците да понудат повисока цена. Секоја следна понуда мора да биде повисока најмалку за еден чекор на наддавање.
  15. Наддавањето трае сè додека има повисоки понуди. Кога по три последователни повици на Комисијата нема нова повисока понуда, наддавањето се завршува.
  16. За најповолен понудувач се избира учесникот кој ја понудил највисоката цена за конкретната позиција.
  17. Ако на почетната цена има повеќе учесници, а ниту еден не понуди повисока цена, изборот меѓу нив се врши со јавно извлекување, за што се внесува забелешка во записникот.
  18. За текот на наддавањето Комисијата води записник во кој се внесуваат учесниците, дадените понуди и конечната највисока понудена цена.

 

  1. Уплата и губење на правото на позицијата

Избраниот учесник е должен да ја уплати конечната понудена цена во рок од 2 (два) работни дена од приемот на известувањето за избор, односно во рок определен од Општина Велес во известувањето.

Ако избраниот учесник не ја изврши уплатата во определениот рок или писмено се откаже, го губи правото на позицијата. Во таков случај, Општина Велес може да ја понуди позицијата на следнорангираниот учесник по неговата последна понудена цена, а ако тоа не е возможно – да ја стави позицијата повторно на располагање.

  1. Завршни информации

Општина Велес го задржува правото, поради организациски, безбедносни или технички причини поврзани со одржувањето на манифестацијата, да изврши неопходно усогласување на распоредот на позициите, за што навремено ќе ги извести засегнатите учесници.

Дополнителни информации може да се добијат на телефон 043/232-406, локал 110.