На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, ги презентираше градежните активности кои општината ги спроведува во овој период.
Во текот на месец декември започнаа градежните работи за изградба на пешачка патека и паркинг простор на неколку локации на езерото „Младост” кои како содржини се дел од од проектот СМАРТ Езеро „Младост”. Додека пак, во центарот на градот, во зградата на Синдикатот, во тек се градежни работи за уредување на просторија која ќе прерасне во туристичко биро и истата е дел од проектот СМАРТ Езеро „Младост”. Во рамки на овој проект се вршат и припреми за расчистување на неколку локации за уредување на крајбрежјето на езерото „Младост”.
Во моментов се реконструира дел од улицата „Славко Давчев” (на потегот непосрредно над црквата) и се изведуваат градежни зафати за изведба на скали со кои се овозможува безбедно движење на жителите од овој дел на градот.
Во тек се градежни работи за спојување на улицата „Костурска” со улицата „Костурска 2”, а истовремено се уредува просторот и се поставува канализиција за атмосферските води.
Во завршна фаза е уредување на паркинг простор во непосредна близина на Железниот мост, со површина од околу 700м2, каде е завршено поставувањето на бетон и канал за одведување на атмосферските води.
Во населбата Дурутовец, на реконструираниот дел од улицата, во тек се градежни работи за поставување на атмосферски канал за воведување на атмосферските води.
Во завршна фаза се градежните работи за бетонирање на улица во населбата Отовица која води кон Старо село на површина од околу 1000м2.
Финалните градежни активности произлезени од проектот „Велес без бариери” се во завршна фаза за изработка и поставување на лифт во училишната зграда на „Гимназија Кочо Рацин” и ССОУ „Димитрија Чуповски”, кој ќе биде ставен во функција до крајот на овој месец, а ќе овозможи полесно и безбедно движење на учениците со попреченост во училишната зграда. Во рамки на истиот проект, Општина Велес, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) изврши нивелирање на дваесет и три локации на тротоари во градот за непречено и безбедно движење на жителите на Општина Велес.
Во тек се градежни работи за нови сообраќајни решенија на неколку раскрсници, како и воспоставување на еднонасочен режим на сообраќај на улицата „Др. Христо Татарчев”, улицата „Никола Карев” и улицата „11 Октомври”. Истовремено, на повеќе локации во градот, во тек се градежни зафати за поставување и обновување на вертикалната сигнализација.
Во село Горно Оризари, два крака во должина од околу 150м за фекална канализација се веќе ставени во функција, а во тек е реализација на уште два нови крака.
Во моментов се изведуваат градежни работи на изведба на пристапен пат до и во селото Сливник.
Во тек се градежни работи за асфалтирање на пристапен пат до локалитетот Пешти.
Во завршна фаза се и градежните работи за реализација на проектот за поставување на атмосферска канализација на улицата „Пајак Планина”, како и бетонирањето на улица во село Иванковци.
Во близина на градскиот саат, започнаа градежните активности за санација на карпестиот дел, кој ќе овозможи поголема безбедност како за пешаците, така и за одвивањето на сообраќајот.
Во ОСУ „Јовче Тесличков” започна да се спроведува проектот за реконструкција на кровот, а во ООУ „Блаже Конески” во тек се градежните работи за реконструкција на дел од санитарните јазли.
Општина Велес, во соработка со ЈКП „Дервен” врши тековно одржување на урбаната опрема во градот, како и изработка и поставување на нова урбана опрема: клупи, корпи за отпадоци, ракофати, огради и друго. На повеќе локации во градот, автобуските постојки се обновуваат и се врши нивна реконструкција.