На денешната прес конференција Градоначалникот Коцевски ја информираше јавноста дека од Управата за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Велес е доставено Барање на мислење за управување на обем по известување на намера за изведување на проект – „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот Техно Павер“ за потребите на инвеститорот Техно Павер ДООЕЛ Скопје. До општината, согласно Законот за животна средина, Управата за животна средина се обраќа за консултации, информации и мислење.
„Следните неколку денови ќе ги искористиме за утврдување на нашата позиција, на нашиот став во врска со ова многу чувствително прашање за жителите на Превалец и населбата Тунел. Ќе консултираме и експерти а веќе закажавме и средба со претставник на инвеститорот во текот на утрешниот ден, на која би сакале, од прва рака, да ги добиеме информациите за технологијата и воопшто за нивните намери што планираат да прават , со колкав капацитет, со каква технологија и какво ќе биде влијанието врз животната средина“, рече Коцевски.