Рациновото признание за најдобро прозно остварување годинава му се доделува на писателот Блаже Миневски, истакнат раскажувач, романсиер и драматург. Комисијата за доделување на наградата во состав Јасминка Делова-Силјанова, Снежана Петрова-Џамбазова и Маја Апостолоска одлучи оваа престижна награда да ја добие за романот „Ако се родат некакви чувства“.
Романот на Миневски е избран за најдобар од 14 пристигнати дела, по неговата несекојдневна и нестереотипна приказна во која се вткаени историски личности и историски настани. Неговата намера е уметничка интерпретација на личните врски, тргнувајќи од идејата дека, иако императивот на бурните времиња му ги дава улогите на човекот: борец, комита, почитичар, тој, во суштина има свои примарни животни улоги, од коишто не може да избега и во таквите бурни времиња; тој е нечие дете, нечиј брат, нечиј пријател, нечиј љубовник, поради што тој добива свои уникатни црти издвојувајќи се од колективот.
Иако стожерот на романот е љубовта на Гоце и Јанка, раскажувачот и особено ликот на Маја ѝ даваат универзална нота преку нејзината поврзаност со љубовта на познати писатели во светската книжевност, како и со познати историски личности – македонскиот револуционер Никола Карев и учителката Коца Тасева-Хаџова како и италијанскиот револуционер Џузепе Гарибалди и бразилската револуционерка Анита Гарибалди.
Рациновото признание ќе биде врачено утревечер, сабота, на официјалното отворање на 60. Рацинови средби на Спомен Костурницата.