Почитувани,
Во име на жителите на Општина Велес од сите заедници, на Советот на Општина Велес и во свое лично име, на граѓанките и граѓаните од православна вероисповед им го честитам најголемиот христијански празник Воскресение Христово, Велигден.
На овој празник над празниците, кога се слави победата на животот над смртта, да ги надминеме сите искушенија и препреки, да покажеме љубов, сочувство и емпатија, да му подадеме рака на послабиот и утеха на болниот. Нека Христовата светлина го осветли патот на животот, а неговата бесконечна љубов ги исполни нашите срца со радост и спокој.
Нашата верба да стане силна и непоколеблива, особено денес кога сме исправени пред едно огромно искушение, борбата со пандемијата. Затоа посакувам да ги почитуваме мерките за заштита и во овие празнични денови, за што поскоро да се вратиме на секојдневниот нормален живот.
Посакувам овие празници да ги поминете во неизмерна радост со своите најблиски, посакувам да имате мир и спокој во душата и љубов во срцата. Сплотени и со меѓусебно почитување и единство да продолжиме да градиме достоинствен живот и општество еднакво за сите.
Честит Велигден!
Со почит,
Градоначалник на Општина Велес
Аце Коцевски