Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Јазикот е нашата Татковина, нашето минато, сегашност и иднина. Со јазикот што го зборуваме се идентификуваме и издвојуваме како народ со своја историја и визија. Токму затоа, секој од нас кој живее на ова парче земја, но и сите  други ширум светот, чиј мајчин јазик е македонскиот, треба да го негува, чува и заштитува за идните генерации.

Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Во име на Советот на Општина Велес и во свое лични име Ви го честитам 5 мај, Денот на македонскиот јазик и македонската азбука.

Македонскиот јазик е богат и разновиден со дијалекти од повеќе наречја, а како основа за негово создавање е земен велешкиот говор заедно со останатите дијалекти од централното наречје. Токму тоа нас нѐ прави горди македонци, но и ни наметнува посебна одговорност да зборуваме литературен македонски јазик.

Многу наши истакнати дејци меѓу кои и основоположници на современиот македонски јазик, литература и култура се заслужни за јазикот на кој зборуваме, читаме, учиме,се изразуваме. На овој посебен ден, кога му оддаваме почит на македонскиот јазик, не можеме а да не се потсетиме на неповторливиот Блаже Конески, на безвремениот Кочо Рацин, на многу наши истакнати книжевници, културни работници, академици, поети и писатели, историчари, филолози и јазичари, преведувачи, толкувачи, хроничари на македонскиот јазик кои нѐ задолжија сите нас да го негуваме и чуваме јазикот што нѐ обединува и нѐ прави единствени.

Ние, граѓанките и граѓаните на Велес треба да сме особено горди што нашиот град е стожерот  на македонската литература и култура, затоа што во нашиот Велес е отворено првото училиште во кое учителствувал првиот учител на македонски јазик, првата Гимназија, првата библиотека, првиот музеј. Во велешко е отпечатен и првиот број на весникот „Нова Македонија“ на македонски јазик, напишани се и првите драмски текстови и направени се првите драмски обиди на македонски јазик.

Да читате, да учите и да се образувате на сопствениот мајчин јазик е свет и најпривилигиран чин за секој поединец на земјата. Затоа, да останеме доследни и верни на корените и традицијата, да продолжиме да го негуваме мајчиниот јазик, да се гордеееме со него и да го промовираме во светот.

 

Со почит,

Градоначалник на Општина Велес

Аце Коцевски