Велес — град во Македонија и центар на истоимената општина. Градот се наоѓа во средишниот дел на Македонија, поточно на бреговите на реката Вардар. Велес е шести град по број на жители во Македонија со вкупно население од 43.716 жители. На северозапад од Велес се наоѓа главниот град на Македонија, Скопје (54 км), на североисток се наоѓа градот Свети Николе (34 км), на исток се наоѓа градот Штип (43 км), на југозапад се наоѓа Прилеп (79 км) и на југоисток се наоѓаат Кавадарци (43 км) и Неготино (40 км). Велес има мошне поволна географска положба бидејќи е крстопат на меѓународни патни и железнички правци и еден од поглавните транзитни центри во Македонија.