Општина Велес денеска беше домаќин на јавната трибина „Учи паметно, работи стручно“. Во Големата сала на општината се одржа социјален дијалог помеѓу средните стручни училишта и приватните компании. Целта на настанот е креирање на програмските политики на средните стручни училишта и подобрување на соработката со бизнис секторот. На јавната трибина се потенцираше потребата  од дуално образование во наставните профили што овозможува учениците преку практична настава да се стекнат со потребните знаења и вештини и нивно директно вклучување во производствениот процес.

„Јас како градоначалник заедно со општинската администрација и директорите на училиштата ќе се трудам да озвозможиме услови да се отворат што е можно повеќе паралелки со дуално образование. Имаме соработка со Министерстворто за образование и наука и Бирото за развој на образование сè со цел да извадиме што е можно поквалификуван кадар  што ќе биде спремен да се вклучи во производството“, рече градоначалникот Марко Колев.

Дуалното образование веќе неколку години се спроведува во средните стручни училишта во Велес и досега покажува солидни резултати. Во средното економско училиште „Јовче Тесличков“ каде што се изучуваат профили од секторот економија, право и трговија, дуалното образование се практикува од изминатата школска година во смерот економски техничар. Директорот Васко Трајковски истакна дека училиштето соработува со 15 компании во кои учениците ја изведуваат својата практична настава.

На денешната трибина, искуство од три годишното учење преку работа сподели и директорката на ССОУ „Димитрија Чуповски“ Маја Хеско  која рече дека со спроведување на дуалното образование во неколку профили, интересот кај учениците драстично се зголемил.

Во ССОУ „Коле Неделковски“ годинава излегува првата генерација на матуранти од дуалната паралелка  техничар за производно машинство. Директорката Весна Стојанова Богоевска истакна дека од изминатите четири школски години, дуално образование стекнуваат 75 ученици кои својата практична настава ја изведуваат во училиштето и во приватните компании.

Свои искуства од примената на дуалното образование споделија и дел од учениците во овие стручни училишта. Тие се повеќе од задоволни бидејќи не само што се стекнуваат со знаење и вештини преку практична работа, туку добиваат и стипендија од Министерството за образование како и паричен надомест од компаниите во кои ја извршуваат праксата.

Претставниците од бизнис секторот во Велес истакнаа дека компаниите се отворени за ваква соработка, но и дека дел од нив се соочуваат  со проблеми за кои побараа помош од надлежните институии. Тие ја нагласија потребата од учество на учениците и директорите на основните училишта на ваквите трибини како и воведување на посебни катчиња во училиштата преку кои учениците ќе се запознаат со профилите во средните училишта и ќе се определат во која насока ќе го продолжат своето понатамошно образование.