Преку креативно – едукативна работилница со дечињата од ОЈУДГ „Димче Мирчев” започнаа активностите за одбележување на Европската недела на мобилност 2023 која ќе трае до 22 септември.
Преку игра, песна и спортски активности, најмладите од градинката во придружба на своите родители и членови на своите семејства подготвија работилница на која пред присутните укажаа на потребата од активно користење на велосипедот како алтернативно превозно средство во секојдневниот живот, но и на потребата од подигнување на свеста за зачувување на животната средина.
Настанот се одржа на спортскиот терен на Градскиот стадион „Зоран Паунов” во Велес во соработка со Спортската академија „Јуниор” од Велес.
Меѓудругото, тимот од Општина Велес обезбеди и достојни донации од општествено одговорни компании кои донираа пилатес топки и соодветни подлоги, велосипеди за деца, топки за разни спортови, останати спортски реквизити, освежителни пијалоци и житарки, наменети за сите клонови на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, како и за општинските основни и средни училишта. Донациите ги овозможија „Нестлè Адриатик д.о.о.е.л. Македонија”, „Еуро-Фарм”, „Стокомак”, „Виталиа Никола ДОО”, „Базаро” и ДПТУ „КОЛА“ ДООЕЛ.
Додека пак партнери и поддржувачи на активностите за одбележување на ЕНМ 2023 во Велес се и Делегацијата на Европска унија и Европска куќа Велес, Министерство за животна средина и просторно планирање, ЕГ „Грин пауер”, ЗГ „Велес бајкинг”, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености, ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, ООУ „Рајко Жинзифов”, Горно Оризари, Велес, МВР-СВР Велес, Општинска организација на Црвен крст – Велес, Младински центар Велес, како и Отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC), Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Детални информации за секој настан можат да се најдат на интернет страницата на Општина Велес.