НВО „Разбој” – Велес во партнерство со Здружение на финансиски работници денес започна со одржување на три од петте предвидени работилници за обновување на старите занаети во рамките на проекетот „Етно креативни работилници за заживување на старите занаети”. Работилниците се намените за учениците од сите општински основни училишта, како и сите други лица кои имат желба и интерес во соодветната област. Во Спомен-куќата на поетот и деец Кочо Рацин се одржува работилницата за грнчарство, а во куќата на Касапови, работилниците за ткаење и изработка на накит. Работилниците се отворени за посета секој работен ден во наредните две седмици, од 8 до 11 часот. Дополнително, во текот на месец септември ќе се одржат уште две работилници за столарство и копаничарство.

НВО „Разбој” – Велес во партнерство со Здружение на финансиски работници се едни од четирите граѓански организации од Велес добитници на грант во рамките на Регионалната Програма за локална демократија во Западен Балкан „ReLOaD2”. Програмата „ReLOaD2” се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија, а ја имплементира УНДП. Проектот исто така е кофинансиран и од страна на Општина Велес.