Општина Велес и оваа година ја одбележува Европската недела на мобилност.
Во периодот од 16 до 22 септември, во соработка со здруженија на граѓани, јавни институции, поединци и општествено одговорни компании, тим од Општина Велес реализира по една активност секој ден, со што ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2021.
Драматизација, едукативни и интерактивни работилници за деца и млади кои го промовираат велосипедот како алтернативно превозно средство; организирање на вело тура до езеро Младост; зголемување на бројот на вело паркинзи на три локации на езеро Младост; продолжување на проектот за ставање во функција на PumpTrack во Градски парк, со што младите, но и сите заинтересирани, љубители на велосипедското возење и адреналинските активности не само со велосипед, туку и на ролери, тротинети, скироли и друго, добиваат нова спортска и рекреативна содржина која ја надополнува целината на Градскиот парк.
Исто така, партнерите на проектот обезбедија донации од велосипеди, топки и друг вид на спортски реквизити, наменети за ОЈУДГ „Димче Мирчев” и основните општински училишта.
Додека пак, во среда, 22 септември, меѓународниот Ден без автомобили ќе биде одбележан со интерактивна програма за учениците од ООУ „Васил Главинов”. Општина Велес ја информира јавноста дека во претпладневните часови, сообраќајот на дел од улица „Никола Карев” времено ќе биде пренасочен (делот на улицата „Никола Карев” од крстосницата на спојот со улица „Др. Христо Татарчев”, односно пред ученичкиот дом „Лазар Лазаревски”). Активностите започнуваат во 08:00 часот. Поради тоа, Општина Велес упатува апел до жителите од околните станбени објекти да ги отстранат своите возила од овој дел на улицата.
Детални информации, поединечно за секој настан ќе бидат објавувани на интернет страницата на Општина Велес.
Сите активности кои ќе се реализираат се осмислени според објавените и пропишани мерки и протоколи за заштита и превенција од Ковид-19.Партнери на ЕНМ 2021 на Општина Велес се општествено одговорните компании „ЕУРО-ФАРМ”, „Маркарт Македонија” ДООЕЛ, ДПТУ „Жито” ДООЕЛ, Велес, „Стокомак”, „Мон Жан”, Велес, клиника „Жан Митрев”, „Жива Фарм”, Велес, „Виталиа Никола” ДОО кои донираа нивни производи за здрава исхрана, Делегацијата на Европската Унија и Европска куќа Скопје, како и ЗГ „Велес Бајкинг”, Велес, МВР-СВР Велес.