Локалниот младински совет на Општина Велес денеска ја одржа првата констутутивна седница на која членовите избраа претседател и заменик претседател. На седницата присуствуваше и градоначалникот Марко Колев кој ги поздрави младите и им посака успешна и креативна работа во наредните две години.
„Добро е што се оформи Локалниот младински совет, сега сè зависи од вас. Сакам да имате креативни предлози, идеи и конкретни активности за да можеме да ве поддржиме“ истакна Колев.
За претседателка на Локалниот младински совет е избрана Стефанија Јакимовска, а функцијата заменик претседател, во наредните две години ќе ја извршува Ангел Станкоски.
Локален младински совет претставува тело на локалната самоуправа кое го сочинуваат млади претставници на различни форми на организирање и здружување во Општина Велес. Советот има советодавна и застапувачка улога за прашањата од младински интерес кон локалната самоуправа.
Локалниот младински совет брои седум членови и нивниот мандат е две години. Членови на советот се Никола Димов, претставник на Кајак клуб „Бабуна”, Велес, Стефанија Јакимовска, претставничка на Фондација за локален развој и демократија „Фокус”, Ивона Јовиќ, претставничка на ССОУ „Димитрија Чуповски”, Емили Митревска, претставничка на Здружение за спорт и рекреација „Клуб 28”, Мартина Стаменкова, претставничка на ЗГ „Велес бајкинг”, Ангел Станкоски, претставник на Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености, и Елена Хаџиева, претставничка на СОУ „Гимназија Кочо Рацин”.
Детални информации за целиот процес на формирање на Локален младински совет, може да најдете на интернет страницата на Општина Велес (www.veles.gov.mk), во делот „МЛАДИ” (https://veles.gov.mk/mladi-2022/).