Драги сограѓанки и сограѓани, почитувани верници од православна вероисповед,
Со утрешниот Велики Петок, отпочнува чествувањето на Торжеството над Торжествата, Воскресението на Господ Исус Христос, центарот на Православната вера и празнувањето.
Имајќи предвид дека согласно Верата, Велигден, односно Пасха означува и Премин или Ден на спасение, најчовечки топло и најдлабоко искрено, без намера да ги повредам Вашите верски чувства или да влијаам на верските убедувања, Ве замолувам во текот на утрешниот ден да се воздржите од традиционалниот начин на следење на богослужбите, свечените литургии во храмовите и посетата на вечните почивалишта на Вашите најблиски.
Свесен сум дека оваа моја молба, кај некои од Вас ќе наиде на негодување или неодобрување, од некои ќе ми биде судено дека сум еретик или ќе биде оценета како барање преголема жртва. Но, Вие верниците, најдобро знаете дека жртвувањето за ближните е одлика на христијанството.
Повикувајќи се на својата совест, во име на секој спасен живот, па макар и еден, ги понесувам сите ризици од прозивки и уште еднаш замолувам за воздржување.
Реалноста во целиот свет, секојдневно нè заплискува со броење на кобните последици од чумата коронавирус, која за жал, не го одмина Велес, велешанки и велешани.
Затоа, драги мои сограѓанки и сограѓани, ако Христијанството вели дека пред Велигден, живееме во денови на искушение, молитва, пост и учење, тогаш апелирам да бидеме мудри и да извлечеме поука. Да оставиме свештените лица да богослужат и молитвите да ги упатат од храмовите, а верниците од домовите.
Оти, нели, Верата учи дека молитвите се најсилни кога се упатени од срцето. Да го победиме Лукавиот и сите на број од дома да ја празнуваме победата на Животот над смртта.
За крај, Ве поздравувам со христијанскиот поздрав, Христос воскресна!
Со разумни одлуки, со љубов за ближните, останете ми здрави и живи до следни порадосни чествувања!
Почитувајте ги препораките на надлежните здравствени институции. Останете дома и чувајте се!
Бидете живи и здрави,
Со почит,
Градоначалник на Општина Велес,
Аце Коцевски