Почитувани управители на згради, заедници на сопственици, куќни совети
Како резултат на новонастанатата состојба со вирусот COVID – 19, коронавирус, чуствувам одговорност дирекно да Ви се обратам Вам, на заедниците на сопственици – станари во колективните објекти за домување на територијата на Општина Велес.
Иако колективните објекти – зградите не се јавни објекти, туку се во сопственост на станарите, сакам да апелирам на зголемена хигиена во влезовите на зградите, подрумските и гаражните делови, како и сите други делови од зграда кои припаѓаат во етажна (заедничка) сопственост на станарите.
Зголемено одржување на хигиената е еден од клучните услови за да се спречи ширење на коронавирусот. Потребно е редовно и секојдневно чистење на деловите од зграда, со наменски средства за хигиена и дезинфекција.
Исто така, сакам да ги истакнам и дополнителните мерки кои ги презема Општина Велес:
- Започна редовното миење на улиците во општината согласно Програмата за јавна чистота за 2020 година;
- Следува дезинфекција на контејнерите и расчистување на простори со отпад од непознат сторител (диви депонии);
- Следува дезинфекција на училиштата и градинките, пред почетокот на наставата;
- Преку електронски пат може да се извади потврда за редовен ученик или одење во градинка.
Во овој период, треба да се зголеми информираноста на сите граѓани за превентивните мерки кои ги носат надлежните институции. За прецизни и навремени информации, користете ги официјалните интернет страници www.zdravstvo.gov.mk и www.veles.gov.mk .
Апелирам сите да се придржуваат до мерките, да бидат одговорни, затоа што се работи за јавното здравје.
Јавното здравје е заедничка одговорност.