Согласно член 4 од Правилникот за условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства од Буџетот на Општина Велес за субвенционирање на физички лица од подрачјето на Општина Велес за велосипед („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 08/22, 08/24), а во врска со Одлуката за определување на максимален износ на доделување на поединечна субвенција на физичко лице за купен велосипед за 2024 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 06/24), Општина Велес објавува

ЈАВЕН  ПОВИК
за субвенционирање на физички лица од подрачјето на
Општина Велес за купен велосипед
за 2024 година

  1. Опис на јавниот повик

Општина Велес на физичките лица кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето на Јавниот повик 10.07.2024 година, заклучно со 07.08.2024 година ќе им субвенционира дел од трошоците направени при купување велосипед.

На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавка на велосипед во висина од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4.500,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Изборот по јавниот повик ќе се реализира по принципот „со извлекување по случаен избор – транспарентно“. 

  1. Право на учетво на јавниот повик

Право на учество на овој Јавен повик имаат физички лица кои ќе купат велосипед од денот на објавата на Јавниот повик па се до 07.08.2024 година, ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за купен велосипед, а кои ги исполнуваат условите од овој Јавен повик.

  1. Услови што треба да ги исполни барателот

Физичкото лице/барател е должно да ги исполни следниве услови:

  • да е жител на Општина Велес;
  • да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од било кој извор во Република Северна Македонија (не го искористил правото на субвенционирање по овој основ);
  • купениот велосипед да не биде помал од 20” (инчи), односно да одговара на популација деца кои не се помали од 8-9 години.
  • доказот за набавен – купен велосипед (фискална сметка), со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик.
  1. Достава на документи по јавниот повик

Барателот по објавување на јавниот повик  доставува:

  • барање за субвенција (Барањето може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се обезбеди од интернет страницата на Општината: veles.gov.mk) и
  • Изјава заверена на Нотар дека барателот е согласен неговите лични податоци да се користат исклучиво за користење на финансиски средства од Буџетот на Општина Велес за субвенционирање на физички лица за купен велосипед (Изјавата ќе биде објавена на интернет страната на Општина Велес www.veles.gov.mk)”.
  • фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
  • доказ – фискална сметка во оригинал или фактура со извод од деловна банка;
  • изјава дека барателот нема искористено право на поврат на средства за набавка на велосипед на друг јавен повик од било кој извор во Република Северна Македонија (Изјавата може да се подигне во архивата на Општина Велес или да се превземе електронски од веб страната на општината).

Барањето за надоместување на дел од трошоците за купен велосипед, заедно со потребната документација се поднесува електронски на https://euslugi.veles.gov.mk или во архивата на Општина Велес, на ул. „Панко Брашнар“ бр. 1 Велес, секој работен ден од 07.30 до 15.30 часот, во затворен плик.

На пликот треба да е наведено: “Јавен повик за субвенционирање на физички лица од подрачјето на Општина Велес за купен велосипед за 2024 година”.

На барателот со доставувањето на пликот во архива ќе му биде издаден архивски број со дата и час на достава на барањето.

  1. Начин на спроведување на Јавниот повик

Јавниот повик го распишува Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на физички лица за купен велосипед, формирана од Градоначалникот на Општина Велес.

По завршувањето на јавниот повик, Комисијата на своја седница ги разгледува сите пристигнати барања и сите уредни и комплетни барања ќе бидат дел од системот „со извлекување по случаен избор – транспарентно“.

Некомплетните барања нема да бидат предмет на понатамошна постапка.

Постапката за избор на барања „со извлекување по случаен избор – транспарентно“, Комисијата ќе ја спроведе во рок од 15 дена по завршувањето на рокот за достава на барања.

Финансиските средства ќе се сметаат за исцрпени односно доделени кога на предлог на Комисијата, Градоначалникот на Општина Велес ќе донесе решение за исплата на средствата. 

  1. Начин на остварување на правото на надоместок

Градоначалникот на Општина Велес на предлогот на Комисијата носи решение за одобрување на барањата кои ги исполниле условите согласно јавниот повик и ја објавува листата на физички лица кои го добиле правото да бидат субвенционирани за дел од трошоците направени при набавка на велосипед.

Уплатата на персоналниот данок на доход кој се одбива од доделената поединечна субвенција ќе ја изврши Општина Велес.