Општина Велес објавува Јавен Повик за ангажирање на лица за извршување на јавни работи кои се приматели на гарантирана минимална помош и невработени лица со живеалиште на територијата на Општина Велес, а врз основа на Програма за активностите на Општина Велес во областа на заштита на животната средина во 2026 год („Сл.гласник на Општина Велес“ бр. 17/25, 19/25, 06/26) и Програма за одржување на комунална чистота и реализација на проекти од комунална инфраструктура преку ангажирање на невработени лица („Сл.гласник на Општина Велес“ бр. 17/25, 06/26, 08/26) год.

Согласно горенаведените Програми, Општина Велес има потреба од ангажирање на уште 8 (oсум) лица од кои 3 (три) лица во урбаните средини на град Велес, а 5 (пет) лица во руралните средини Башино Село, Мамутчево, Караслари, Бузалково и Оризари за извршување на јавни работи во времетраење од  1 месец, со можност за продолжување на работниот ангажман до крајот на тековната година.

Ангажираните лица ќе спроведуваат јавни работи од типот на чистење на улици, локални патишта, патеки, скали, чистење на водотранспортни објекти, чистење на снег од јавни површини, отстранување на наноси и одрони, фарбање на комунална опрема, чистење на јавни објекти, поставување на опрема, собирање на отпад, чистење на депонии, подигање и одржување на зелени површини и други слични работи по потреба.

Општина Велес преку овие активности им помага на луѓето кои тешко се вклучуваат на пазарот на трудот, а овие активности се од интерес на целата локална заедница.

Право на учество на јавниот повик имаат лицата кои ги исполнуваат следните услови:

-корисници на гарантирана минимална помош,

-невработени лица,

-жители на територијата на Општина Велес, а особено лицата кои се заинтересирани за вршење на јавни работи во руралните средини да се со живеалиште во руралната средина за која го поднесуваат барањето.

Временскиот период за извршување на јавните работи од страна на ангажираните лица најпрво ќе биде во времетраење од 1 месец, сметано од денот на потпишување на договорот, а месечниот надоместок ќе изнесува 24.000,оо денари нето износ за секое ангажирано лице со можност за продолжување на ангажманот дополнително до крајот на тековната 2026 година и со месечен износ кој дополнително ќе се утврди со Анекс на договор.

Потребните документи:

-Барање (од архива на општина Велес)

-Фотокопија од лична карта

-Потврда (дека лицето е корисник на социјална помош или невработено лице),

-фотокопија од трансакциона сметка

Погоре наведените документи кандидатите треба да ги достават во Архива на Општина Велес, секој работен ден од 17.09.2026 год. до 25.09.2026 год. во период од 07:30 часот до 15:30 часот.

Изборот на пријавените кандидати ќе го спроведува соодветна Комисија формирана со Решение од страна на Градоначалникот на Општина Велес.