Во рамки на кампањата „16 дена активизам  – Обединети против насилството врз жените и девојчињата“, во Општина Велес се одржа средба на која се дискутираше за најгорливиот проблем во локалната заедница,семејното насилство. На средбата што ја организира Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Велес и Организација на жени Велес, присуствуваа претставници на СВР Велес, ЦСР Велес, Основен суд Велес, ЈЗУ Велес, психолози и педагози од училишта и претставници од Општина Велес.

Целта на средбата е да се подигне јавната свест за постоењето на насилството во сите сфери на општественото живеење и зголемување на колективниот придонес во борбата за спречување на негативната појава. На средбата беше потенцирано дека е неопходно да се зајакне меѓуинституционалната соработка за ефективно решавање на проблемот со семејното насилство. Претставниците од Центарот за социјални работи ја истакнаа потребата од обука за проценка на жртвите кои според нив често ја злоупотребуваат состојбата во која се наоѓаат за да остварат каква било корист од институциите. Учесниците на дебатата, секој од својот сектор, ги споделија искуствата и констатираа дека бројот на жртви на семејно насилство е сериозно зголемен, од почетокот на годинава до сега се води судска постапка за 63 случаи на семејно насиолство.

Формирање на тим од стручни лица кои континуирано ќе работат со жртвите на семејно насилство и почести средби на надлежните институции се дел од заклучоците на денешната дебата.