Во организација на Општина Велес и Младинскиот центар, на 21 октомври годинава учениците од средните училишта и професорите по француски јазик се сретнаа со претставници на асоцијацијата АЛМА – Алзас. На средбата со Жак Шлеф, претседател на АЛМА и Пјер Жошем, експерт за туризам, младите од Велес имаа можност да се запознаат со историјата, културата, туризмот и економијата на Алзас, Република Франција. Особен интерес младите покажаа за начинот на живот и активностите на младите Алзашани. Како што рече Жак Шлеф, годинава двајца ученици од Велес и четворица од Алзас учествуваа на меѓународен камп во Алзас и имаа можност да се дружат со врсници од Франција и Германија и да научат повеќе за културата на Алзас. Пјер Жошем истакна дека Алзас е препознатлив како регион на виното, специфичната архитектура и динамичниот индустриски развој. Како што нагласија претставниците на АЛМА соработката помеѓу младите е континуитет на досегашната успешна соработка со АЛМА, Асоцијација која обезбеди над 1600 книги за француското катче во Велешката библиотека, организираше голем број донации во медицинска и едукативна опрема и работеше со велешките граѓански организации во областа на развојот на туризмот. Покрај Велес, претставниците на АЛМА остварија значајни средби во Скопје, Неготино и Демир Капија.