Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2022, денес во Младинскиот центар во Велес се одржа работилница на тема „Мојата приказна” – споделување лични искуства на лица со попреченост и грижата на заедницата за истите. На работилницата, се разговараше за предизвиците со кои лицата со попреченост и сите останати жители се соочуваат при извршување на секојдневните активности. Активна вклученост и учество на лицата со попреченост во јавниот живот не е придобивка само за заедницата на лицата со попреченост, туку придобивка за целото општество.
Ова е една од седумдневните активности со кои Општина Велес ја одбележува Европската недела на мобилност 2022. Истата ќе биде заокружена со завршен настан на меѓународниот Ден без автомобили, 22 септември.
Меѓудругото, тимот од Општина Велес обезбеди и достојни донации од општествено одговорни компании кои донираа велосипеди за деца, трицикли, топки за разни спортови, спортски реквизити, освежителни пијалоци и житарки, хигиенски средства и друго, наменети за сите клонови на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, сите општински основни и средни училишта од градот. Донациите ги овозможија „Нестлè Адриатик д.о.о.е.л. Македонија”, „Еуро-Фарм”, „Стокомак”, „ Виталиа Никола ДОО”, „Витал БТ”, „Базаро”, „Интерспорт”, „Спорт М” и „Алкалоид АД“ Скопје. Додека пак помагатели и поддржувачи на активностите за одбележување на ЕНМ 2022 во Велес се и Делегацијата на Европска унија и Европска куќа Скопје, волонтерите на Младински центар, Велес, ЗГ „Велес бајкинг”, ИО „Димитар Влахов”, МВР-СВР Велес, како и Отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC), Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Детални информации за секој настан можат да се најдат на официјалната веб страница на Општина Велес.