Во соработка со Здружението на љубители на велосипедизмот „Велес бајкинг” и младинскиот велосипедски клуб МВК „Велес”, вечерва Општина Велес организираше ноќна велосипедска рекреативна тура насловена „Bike2Night” („Вози велосипед вечерва”).
Оваа активност е дел од проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”), со кој Општина Велес оваа седмица ја одбележува Европската недела на мобилност. Проектот го подготви тим од општината, а финансиски е поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ). Од 16 до 22 септември, секој ден се реализира по една активност.
Дваесетина волонтери од партнер организациите на проектот и уште толку граѓани ја извозеа патеката од центарот на градот до езерото Младост и назад, во вкупна должина од 20 км, со што го промовираа велосипедот како алтернативно превозно средство и дадоа акцент на здравиот живот.
Проектот ќе биде заокружен на 22 септември (недела) со реализација на завршниот настан кога ќе се одбележи Денот без автомобили.
Ко-спонзори на оваа активност од Европската недела на мобилност се и Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центарот во Скопје, 🇪🇺 како и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Општина Велес ги повикува сите заинтересирани да се приклучат кон активностите, а детали за истите може да се најдат на интернет страната на општината и на социјалните медиуми.