По донесената Одлука на Советот на Општина Велес и обезбедените финансиски средства од општинскиот буџет во вкупен износ од 700.000,00 денари со пресметан ДДВ беа набавени прочистувачи на воздухот за објектите на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев” во Велес.
Ова за јавноста го соопшти градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на денешната прес конференција.
„Средствата се обезбедени од Програмата за социјална заштита за 2020 година. За помалите занимални обезбедивме вкупно 15 прочистувачи во вредност од 158.120,00 денари со вклучен ДДВ, додека пак за поголемите занимални, 24 прочистувачи, во вредност од 376.656,00 денари со вклучен ДДВ, во вкупна вредност од 534. 776, 00 денари со вклучен ДДВ. Овие прочистувачи се давааат на трајно користење на установата, која ќе ги распредели соодветно на нивната јачина според големината по занималните”, рече Коцевски.
Обезбедени се прочистувачи за сите занимални, освен за две во објект 3 „Детелинки”. За набавка на прочистувачи за овие две занимални предвидена е нова постапка за јавна набавка и истата е внесена во Планот за јавни набавки. Во најбрз временски рок ќе се обезбедат и овие прочистувачи, дополни Градоначалникот.