Општина Велес ги награди најдобрите ученици од основните и средните училишта во градот. За освоено прво, второ и трето место на државни, меѓународни и олимписки натпревари во учебната 2023/2024 година, на 76 ученици од основните училишта и 40 ментори настаници, градоначалникот Марко Колев им врачи признанија. Признанија им врачи и на 30 ученици од средните училишта и на 18 ментори за постигнатите успеси во изминатата учебна година.
„Општината одлучи да ги награди овие ученици за да ги мотивира и охрабри да продолжат по истиот пат, по патот на успехот. Им честитам на сите наградени ученици и секако на нивните ментори за вложениот труд и за постигнатите резултати“, истакна Колев.
Иницијативата да се наградат учениците кои постигнале успеси и надвор од воспитно – образовниот процес и школските активности е на градоначалникот Марко Колев со тенденција да стане традиција и своевиден поттик за учење, творење и постигнување резултати.
Наградите се врачија во чест на одбележувањето на 80 годишнината од ослободувањето на Велес, 9 Ноември.