Роден во 1821 година на Прцорек, од левата страна на Вардар, велешанецот Јордан Хаџи Константинов- Џинот, својата работа како учител ја започнува во 1838 година со воведување на народен македонски јазик во училиштата. Во исто време и прв ја осовременува наставата со воведување на нови предмети, со кои учениците освен што добиваат знаење за свештени лица, со новите предмети се здобивале со знаења кои подоцна ги применувале во трговијата и занаетчиството. Цел свој живот бил во жестоки судири со грчките фанариоти од кои бил наклеветен кај османлиските власти,  осуден на 101 години на прогон во Мала Азија, каде и го губи едното око. Со помош на неговите роднини и пријатели кои собрале пари за откуп, казната му е намалена на 3 години и остатокот од животот го поминува во родниот Велес, каде умира на 29 август 1882 година и е закопан во црквата „Св Спас”. Пишувал афоризми, песни, статии за весниците во Белград и Цариград. Го напишал првиот буквар „Таблица перваја” која му помагала да ги описмени своите ученици. Познат е и како првиот драмски автор со  неговите „Мечката и селаните”,  „Миневра и девет музи”, „Разговор или прави человек”, ” кои биле изведувани од неговите ученици. Не успеал да го издаде јазичниот речник, но сите дела ја изразуваат неговата идеја дека: ослободувањето од турското ропство и од духовното туторство на грчката црква, лежи во македонското единство и слободна соработка на словенските земји.

Многу училишта  во нашава земја го носат неговото име, како и театарот во Велес, чиј патрон е. Денес се навршуваат 140 години од неговата смрт.Во негова чест делегации на Општина Велес и на театарот „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ положија цвеќе и се поклонија на гробот на нашиот великан. Нека му е вечна слава!