Денеска се навршуваат 185 години од раѓањето и 147 години од смртта на македонскиот преродбеник Рајко Жинзифов. Во негова чест и спомен, делегација на Општина Велес и претставници на училиштето што го носи неговото име, положија цвеќе пред спомен бистата во дворот на општинското основно училиште во Г. Оризари.
Рајко Жинзифов е роден на 15 февруари 1839 година во Велес. Потекнува од влашко семјество кое од Битола се доселило во Велес. Тој е македонски публицист, писател и поет, преведувач и собирач на народно творештво и е еден од учениците на Миладинов. Жинзифов е авторот на биографијата на браќата Миладиновци. Негово творештво е и поемата „Крвава кошула“ во која тој го опишува тешкиот живот на македонскиот народ под турско ропство.
По повод патрониот празник училиштето организира низа активности меѓу кои и свечената програма што ќе се одржи вечерва во големата сала на Општина Велес со почеток во 18:00 часот.