Општина Велес организираше Јавна расправа со претставници на Здруженија на граѓани за проектот „ReLOaD2” – Регионална Програма за Локална Демократија во Западен Балкан, финансиран од Европската Унија со цел утврдување на приоритетните области на општината за 2023 година.
Главната цел на проектот е јакнење на партиципативните демократии и интегративниот процес во ЕУ на Западен Балкан преку јакнење на граѓанското општество со цел истото да земе активно учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво.
Претставниците на Општина Велес и на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) имаа можност преку дискусија со заинтересираните претставници на невладиниот сектор од Велес, на транспарентен начин да ги дефинираат приоритетните области на ниво на општина за 2023 година, кои ќе послужат како показатели за понатамошно реализирање на проектите предложени од страна на Здруженијата на граѓани. Поддршката преку овој проект ќе го подобри квалитетот на услугите кон граѓанските организации, а истовремено ќе ги зајакне и релациите на општината со Европската Унија и УНДП.
Јавниот повик за поднесување апликации за 2023 година во рамки на проектот „ReLOaD2” ќе биде дополнително објавен на интернет страницата на Општина Велес.