Опасен отпад од фабриката за производство на крзно и крзнени производи АД „Димко Митрев“, кој  претходно завршуваше во река Вардар, одсега се извезува. На 26 март годинава, се извезе првата количина од овој отпад од 21,5 тон кој се создава од обезмастување на кожите и истиот содржи растворувач прехлоретилен.

За да добие Б-Интегрирана дозвола, Крзнарата „Димко Митрев“ имаше обврска опасниот отпад да го собира во пластични танкови и да го складира на локацијата се до неговото предавање. Истовремено менаџментот обезбеди документација и дозволи за прекугранично отстранување на отпадот преку Србија, Хрватска, Словенија и Австрија како крајна дестинација на отпадот.

Документите се комплетирани во согласност со регулативата на Европскиот парламент и Европскиот совет за испорака на отпад, Националниот закон за ратификација на Базелската конвенција за контрола и прекуграничкно движење на отпадот и Законот за управување со отпад. Дозволата е издадена за извоз на 50 тони опасен отпад, што значи дека до крајот на годината ќе се извезе уште една количина од опасниот отпад.

„Општина Велес посветно работи со инсталациите во делот на почитување на условите и мерките од Б-Интегрираните еколошки дозволи и ќе ја користи секоја прилика да ја запознае јавноста со позитивните активности на бизнис секторот во делот на заштитата на животната средина“, рече Коцевски на денешната прес конференција.