Општина Велес го склучи договорот со фирмата „БАУЕР БГ ДОО од Скопје која го доби тендерот за изградба на Покриениот Градски пазар, фаза 2 односно горната платформа на пазарот.
„Фирмата изведувач на градежните зафати треба до нас да достави банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, во износ од 10 % од вкупната вредност на зафатот. Штом ќе ја добиеме банкарската гаранција, изведувачот ќе биде воведен во работите“, рече Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција.
Во меѓувреме се прави реорганизација на тезгите од горниот дел на пазарот. Предлогот на Општина Велес и ЈКП „Дервен“ првично беше тезгите со непрехрамбени производи како што се текстил, железарија и други предмети да се преместат на привремена локација на паркингот помеѓу Мало мовче и Кафаната „Пармакот“ Вкупната површина на овој простор е 3101 метар квадратен, на кој ќе бидат сместени 106 тезги во 4 реда. Просторот ќе биде заграден , ќе има санитарен чвор и чешма и ќе бидат обезбедени сите услови за непречено функционирање на пазарот. Но дел од овие продавачи кои имаат регистрирани фирми, не сакаат да се преместат туку да останат на долниот дел од пазарот.
„Ова барање го изнесовме денеска на седницата на кризниот штаб со што утврдивме еден заеднички став овие продавачи да останат засега на долниот дел на пазарот заедно со продавачите на земјоделски производи. Во пазарните денови кога концентрацијата на луѓе ќе биде висока, редарите ќе имаат обврска да контролираат внатре во пазарот и да реагираат на групирања на луѓето. Во зависност од тоа како ќе се развива епидемиолошката слика во градот, ќе преземаме соодветни мерки со цел да не го загрозиме здравјето како на продавачите така и на купувачите во градскиот пазар, додаде Коцевски.