Драги сограѓанки и сограѓани, почитувани велешанки и велешани, дами и господа
Вообичаено на крајот на годината правиме анализи, даваме оценки за тоа што и колку сме оствариле од тоа што сме го планирале како на личен така и на деловен план. Ги дефинираме нашите визии и цели, ги правиме нашите планови за следната година и на крај си посакуваме најубави желби за следната година.
И покрај ограничувањата, скратеното работно време, заштитните мерки кои не натераа да се дистанцираме, Општина Велес успешно ги реализираше проектите и активностите зацртани во програмите за работа. Иако никогаш не треба да се задоволуваме со постигнатите резултати, затоа што секогаш може да се направи и повеќе и подобро, сепак можам со гордост да кажам дека успешно ги реализиравме поголемиот дел од планираните активности.
Се гордеам што Велес, пак, неколку години со ред е отчетна и најтрансперентна или една од најтранспарентните опшини не само помеѓу општините туку и во конкуренција со сите институции на централно и локално ниво.
Сите општини се различни, секоја има свои специфичности, секоја е различно развиена и секоја има различна економска и финансиска моќ. Затоа, за мене секогаш за мерење на успешноста е најважна оценката дали сме работеле чесно, одговорно, домаќински, транспарентно, со голема љубов и посветеност или не.
Јас, одговорно изјавувам дека во оваа година извлековме максимум од можното. А, вам почитувани ви оставам да оценувате врз основа на вашите очекувања, барања, потреби и информации.
Еве сосем кусо, мал осврт.
Еден од најголемите проекти што го реализираме е проектот Смарт Езеро Младост, финансиран од ЕУ во вредност од над еден милион евра. Проектот веќе го менува пејсазот околу езерото Младост кое настојуваме да го развиеме во најзначаен туристички транзитен центар во земјата.
Санирано е свлечиштето Цуцка на излезот од Велес на патот кон Градско. Го изградивме долгоочекуваниот пат до село Сливник долг 6,2 км, патот кон Пешти, како и повеќе улици,тротоари и ново улично осветлување, водоводи и канализација. Во тек е изградбата на водоснабдителниот систем Раштани – Бузалково. ЈКП Дервен и покрај слабостите е едно од најдобрите ЈКП во земјата.
Го зголемивме бројот на паркинг места со уредување на паркинг просторот кај Мало мовче и кај поранешниот Диспанзер. Се реконструира Градскиот фудбалски стадион. Создаваме нов атрактивен простор за прошетка и рекреација во Градскиот парк со езерце на површина од 1000 метри квадратни. Изградивме повеќе потпорни ѕидови. Инвестиравме и во основните и средните училишта.
Во изминатава година многу инвестиравме во обезбедување на неопходна техничка документација за значајни проекти. Сега имаме целосен проект за гасификација на Велес, идеен проект за мост кон населбата Речани и за центарот на Велес.
Велес за прв пат после многу децении доби уреден простор и најсовремена дигитална опрема за киноприкажување во земјата и мултимедијални настани. Годинава отпочнавме со подготовки за реализација на најголемиот капитален проект „Нов пазар“ во вкупна вредност од 86 милиони денари.
Оваа недела успешно ја завршивме надзорната проверка на стандардот ИСО 9001:2015 со што уште еднаш потврдивме дека дури и во услови на пандемија Велес има силни административни капацитети.
Во областа на животната средина посадивме 12 илјади садници и 238 високи дрвја на опожарените површини околу езерото Младост и повеќе локации во градот. Поставивме и пет подземни контејнери кои во голема мера придонесуваат за заштита на животната средина.
Во услови на пандемија обезбедивме 295 таблети за да можат учениците од ранливите категории непречено да ја следат онлајн наставата, а за дечињата во детската градинка набавивме прочистувачи на воздухот, а со средства од буџетот ги завршивме подготвителните работи за новата модуларна болница во Велес.
Успешно ги реализиравме Рациновите средби, Скулпторкста колонија, а успешно го реализираме и Велешко културно лето со над 20 културни настани за сите генерации.
Во областа на локалниот економски развој работевме и продолжуваме да работиме на вкупно 20 проекти за подобрување на локалната економија, развој на туризмот и подобрување на инфраструктурата во градот и во населените места.
Работиме на апликација во вредност од над 700 илјади евра за уредување на централното градско подрачје со изградба на плоштад, со подземна гаража и обезбедување на нови пешачки и велосипедски зони. Сите овие зафати се во согласност со планот за одржлива урбана мобилност како најзначаен стратешки европски документ на Општина Велес.
Наредната година планираме уште поголемо подобрување на услугите кон граѓаните преку надградба на постојниот систем за управување со документи со што ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста на администрацијата.
Очекувам во 2021 година Велес да биде големо градилиште.