Во рамки на Програмата на Локалната установа Народен музеј – Велес во Ликовниот салон е отворена изложба посветена на Мемо Сулејманов, македонски атлетски рекордер и основоположник на маратонското трчање во Македонија. Изложбата се состои од фотографии , награди, медали и музејски предмети од фондот на Националната Установа Музеј на Македонија, чиј автор е Драган Ѓеорѓиев , историчар-кустос советник. Велешанецот Мемо Сулејманов е докажан атлетичар кој оставил траен белег во оваа спортска дисциплина, освојувајќи рекорди на бројни домашни и меѓународни натпревари.
„Поради своите спортски резултати и несебичните залагања на спортот одликуван е и наградуван од Атлетскиот сојуз на Македонија и од Атлетскиот сојуз на Југославија кои будно ги следеле неговите достигнувања. Од животната сцена го оттргна кобната болест во 1984 година и замина во легенди. Ќе се паметат неговите настапи на атлетските патеки, воглавно со достигнувања и со подобрувања на македонските рекорди во разни дисциплини“, истакна директорот на Народен музеј Велес, Марин Клифов.
Изложбата посветена на Мемо Сулејманов е организирана во пресрет на јубилејот, 30 години независност. Граѓанките и граѓаните на Велес ќе имаат можност да ја посетат до 25 септември годинава.