Дождот не беше пречка да се реализира рекреативната пешачка тура низ велешките сокаци и маала. Ученици и наставници од основните и средните училишта во Велес заедно со амбасадорите на Кина, Словенија, Казакстан, заменик амбасадорот на ЕУ, млади евроамбасадори, претставници на Народен музеј и на општина Велес, пешки ги посетија родните куќи на велешките револуционери и преродбеници Кочо Рацин, Васил Главинов, Јордан Хаџи Константинов Џинот. Се запознаа со нивниот живот, но истовремено и со специфичната велешка архитектура. Крајната дестинација беше надалеку познатата „Куќата што лебди“ или Куќата на Касапови. Таму присутните имаа можност да вкусат од виното на Винарија Тристо.
Рекреативната пешачка тура ја оправда целта на Европската недела на мобилност, што со низа активности се одбележува во Велес.
Меѓудругото, тимот од Општина Велес обезбеди и достојни донации од општествено одговорни компании кои донираат спортски реквизити наменети за сите клонови на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, како и за општинските основни и средни училишта. Донациите ги овозможија Клиничката болница „Жан Митрев”, „Нестлè Адриатик д.о.о.е.л. Македонија”, „Еуро-Фарм”, „Стокомак” и „Виталиа Никола ДОО”.
Додека пак партнери и поддржувачи на активностите за одбележување на ЕНМ 2024 во Велес се и Делегацијата на Европска унија и Европска куќа Велес, Министерство за животна средина и просторно планирање, ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, МВР-СВР Велес, Младински центар Велес и Отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC), Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Општина Велес ги повикува сите жители да се придружат на овие активности.
Детални информации за секој настан можат да се најдат на интернет страницата на Општина Велес.