На 11, 12 и 13 октомври сите патишта ќе водат кон Велес. Започнува најмасовната најзабавната и најпосетената манифестација Фестивал на велешка пита и вино „Питијада 2024“. Ќе има забава за сите генерации, вкусни пити пастрмајлии и квалитетно вино од локалните производители и винарии. Фестивалот на велешка пита ќе почне со настапот со децета од градинката „Димче Мирчев“, а потоа следуваат настапите на велешката група Соната, Нино Величковски, Бојана Скендеровски. За вистинска кулминација на забавата ќе се погрижат Слаткаристика и Суперхикс. Во меѓувреме ќе се исече и вкуси традиционалната џиновска пита која од година во година руши рекорди.
Забавата продолжува во сабота, 12 октомври, кога најмладите ќе се забавуваат со детското комично шоу на Дарко Ѓурчиновски. Во вечерните часови посетителите ќе уживаат во песните на Спасен Сиљаноски, Александра Јанева и Мики Секуловски. Ѕвезда на вечерта ќе биде српскиот пејач Саша Ковачевиќ.
Во недела, 13 октомври, детскиот хор Поточиња ќе ги израдува и забавува најмладите, а вечерта, покрај вкусните пити и квалитетното македонско вино, посетителите ќе можат да уживаат во песните на Огнен Здравковски, Благоја Грујовски, Елена Ристеска. На самото финале на фестивалот ќе настапи српскиот бенд С.А.Р.С.
Освен што ќе вкусат пита пастрмајлија и вино, посетителите ќе можат да си купат уникатни предмети изработени од вештите раце на нашите ракотворци. Базарот со рачните изработки ќе биде лоциран на улицата Благој Ѓорев (кај влезот на Гимназијата).
Вистинско задоволство ќе биде изложбата на историски автомобили-олдтајмери, кои во организација на Здружението „King of the streets“ во сабота, ќе бидат поставени на потегот од кружен тек Авона до Бос.
За љубителите на велосипедизмот, во недела ќе се одржи рекреативна велосипедска трка која ќе започне во 10 часот од винарија Шато Сопот Македонија.
Општина Велес ги поканува сите граѓани на Велес, но и од другите градови, да го посетат фестивалот на велешка пита и вино и да уживаат во гурманска симфонија од вкусови.