Во соработка со Општина Велес, отсекот за превенција при СВР Велес започна со реализација на превентивно-едукативен проект „Безбедно од домот до училиштето“ . Активностите во рамки на проектот ќе се спроведуваат во текот на септември и октомври во близина на сите основни и средни училишта во градот со цел да се утврдат безбедни приоди до  и од училиштата. Надлежните служби вчера направија обиколка на училиштата во градот  и  извршија преглед на поставеноста на сообраќајните знаци од вертикалната и хоризонталната сигнализација со цел да се обезбеди полесна ориентација и движење на учениците како пешаци во сообраќајот во близина на училиштата. Покрај тоа беа утврдени и најпогодните траси за движење на децата од поодалечените места до училиштата.

Во рамки на проектот локалната власт треба да обезбеди проодност до сите пешачки зони на улиците кон училиштата и да постави бариери за спречување на директно излегување на децата од училишните дворови на коловозот.

СВР Велес  и Општина Велес со апел  до сите учесници во сообраќајот а посебно до возачите, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да бидат одговорни учесници во сообраќајот за да се заштитат децата и безбедно да стигнат во училиште.

Превентивно-едукативниот проект „Безбедно од домот до училиштето“ се реализира во општините Велес, Кавадарци и Неготино.