СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ МЕЃУ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ, КОМПАНИИТЕ И СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА СЕ ОДРЖА ВО ВЕЛЕС

Во организација на Министерството за образование и наука, денеска во Општина Велес се одржа средба меѓу министерката Мила Царовска, градоначалникот Аце Коцевски, директорите на средните стручни училишта, претставници на меѓународни организации и институции, претставници на Стопанските комори и на компаниите. На денешната средба се разговараше  за  унапредување на средното стручно образование преку усогласување на потребите на пазарот на труд со профилите на кадар кои се нудат во средните стручни училишта. Неоходно е да се креира квалификуван и стручен кадар кој ќе одговори на барањата на производствениот процес на компаниите. Вклучувањето на дуалното образование во образовниот процес ќе овозможи директно учество на учениците кои ќе се определат за тоа, во процесот на производтсво кои по завшувањето на средното образование ќе бидат целосно подготвени за работа во компаниите.

На денешната средба, искуство од двегодишното работење со ученици од средното стручно училиште „Коле Неделковски“ презентираше претставникот од германската компанија „Маркарт’. Првите четири ученици кои посетувале практична настава во компанијата веќе се редовно вработен стручен кадар. Своите работни вештини, во компанијата денес ги развиваат и усовршуваат уште 18 ученици од ова училиште.

Министерката за образование и наука Мила Царовска ја нагласи потребата од тесна соработка меѓу средните стручни училишта и компаниите со цел да се креираат профили кои се потребни во реалниот сектор.

„Важно е да ги усогласиме барањата на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта. Разговорите со градоначалниците и со компаниите ќе резултираат со отворање на идентификуваните профили и паралелки од идната учебна година. Како Министерство за образование и наука ќе го поттикнеме изборот на учениците на бараните занимања и со новините во стипендирањето, затоа што тоа е не само во интерес на бизнисот туку и во интерес на младите луѓе, преку поголема вработливост“, рече Царовска.

Ваквиот систем на образование го поддржува градоначалникот Коцевски кој рече дека сеопфатни и темелни реформи се крајно неопходни.

„Сметам дека компаниите ќе добијат подготвен стручен кадар кој веднаш ќе биде вклучен во производствениот процес, без да имаат дополнителни трошоци за дообуки и доквалификации и ќе се зголеми продуктивноста. Од друга страна, преку дуално образование, учениците ќе можат да стекнат вештини и во иднина да станат добри работници“, рече Коцевски.

Претставниците од бизнис секторот во Велес истакнаа дека компаниите се отворени за ваква соработка, но најголем дел од нив изјавија дека се прават промени во образованието но не и во свеста кај граѓаните. Тие направија споредба со образовниот систем во минатото кога во тогашните фабрики се вработуваа стручни кадри образовани во средните стручни училишта.

Резултатите од прашалникот на Министерството за образование и наука, на кој одговориле само 6 компании и средните стручни училишта од Велес, покажале дека постоењето на профилите во двете стручни училишта „Коле Неделковски“ и Димитрија Чуповски е оправдано бидејќи секоја уписна година ученици пројавувале интерес за нив, додека во стручното економско училиште „Јочве Тесличков“ слаб бил интересот за упис на ученици на економските профили.

Следен чекор е усогласување на потребите на реалниот сектор со профилите на средните стручни училишта.

Вакви средби под мотото „Учи паметно, работи стручно“, Министерството за образование ќе одржи во повеќе градови низ државата.