Четириест и пет граѓански организации од осум општини имаа можност да ги претстават своите проекти за млади, социјална кохезија и инклузија, човекови права, заштита на животната средина, култура, туризам, кои ги имплементираат во рамки на Регионалната Програма за локална демократија во Западен Балкан „ReLOaD2”.
На настанот кој се одржа во просториите во Европска куќа, Скопје, Амбасадорот на Европската унија, Н.Е. Дејвид Гир и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан, им честитаа за нивните заложби и иницијативи за подобрување на квалитетот на живот во локалните заедници и за давање поддршка на оние на кои им е најпотребна.
Програмата „ReLOaD2”, чија главна цел е зајакнување на партнерството помеѓу локалните власти и граѓанското општество, се имплементира во партнерските општини Велес, Гостивар, Охрид, Куманово, Битола, Гевгелија, Кочани и Крива Паланка.
Со овој проект во Општина Велес се поддржани четири граѓански организации кои во наредниот период од дванаесет месеци ќе ги реализираат своите проектни идеи. Програмата „ReLOaD2” се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија, а ја имплементира УНДП.