На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја информираше јавноста во врска со состојбата околу транспортот на техногената минерална суровина – троска од Топилницата за олово и цинк, за количина од 1,8 милиони тони и за добиената концесија на концесионерот „Кепс Монт Гроуп” ДОО Скопје.

„Дозволата за експлоатација на суровините е обезбедена на 31 мај 2019 година и е издадена од страна на Министерството за економија,  а Б-Интегрираната еколошка дозвола е обезбедена на 2 октомври 2019 година, издадена од Градоначалникот на Општина Велес, додека пак на 17 декември 2019 година извршен е транспорт на 100 тони пробни количини во Малезија, кои се исцрпени и извезени” изјави Коцевски.

Градоначалникот информираше дека во меѓувреме Владата на  Малезија донела одлука за шестмесечен мораториум, односно забрана за увоз на отпадни материи од други држави, која завршува кон крајот на овој месец.

„Концесионерот е подготвен да започне веднаш со транспортот на троската по истекувањето на оваа забрана, а доколку Владата на Малезија не го дозволи увозот како што е предвидено во договорот, спорот ќе се решава според меѓународното право во судска постапка” потенцираше градоначалникот Коцевски.